1 Потоа Авесалом си набави кола и коњи, и педесет луѓе кои трчат пред него.
2 Авесалом стануваше рано изутрина, и застануваше покрај патот што водеше до градската врата; и секој што имаше некаква парница та одеше кај царот на суд, Авесалом го повикуваше кај себе и го прашуваше: „Од кој град си?” А кога тој би одговорил: „Твојот слуга е од тоа и тоа Израелево племе,’
3 тогаш Авесалом ќе му речеше: „Гледаш, твојата работа е добра и праведна, ама нема да најдеш никого, кој би те послушал кај царот.”
4 Авесалом ќе продолжеше: „Ах, кога би ме поставиле мене за судија во земјата! Секој што би имал некаква парница или судење би доаѓал кај мене, и јас би му дал правда!”
5 А кога некој ќе му се доближеше, за да му се поклони, тој би ја испружил раката, ќе го привлечеше кон себе и ќе го пољубеше.
6 Така правеше Авесалом со сите Израелци кои доаѓаа на суд кај царот. Со тоа Авесалом ги придобиваше срцата на Израелците за себе.
7 Кога поминаа четири години, Авесалом му рече на царот: „Дозволи ми да отидам во Хеврон и да го извршам заветот со кој му се заветував на Господа.
8 Зашто кога бев во Гесур во Арам, твојот слуга се заветува вака: ‘Ако Господ навистина ме доведе назад во Ерусалим, тогаш јас ќе Му служам на Господа.’”
9 А царот му одговори: „Оди во мир!” И тој тргна на пат и отиде во Хеврон.
10 Авесалом испрати тајни гласници по сите Израелеви племиња и им порача: „Кога ќе го чуете звукот на рогот, тогаш речете: ‘Авесалом стана цар во Хеврон.’”
11 А со Авесалома отидоа двеста луѓе од Ерусалим; тоа беа познаници, кои тргнаа простодушно, не знаејќи ништо.
12 Авесалом испрати и по Гилонецот Ахитофел, Давидовиот советник, од неговиот град Гилон, да присуствува на принесувањето на жртвите. Заверата беше силна, а Авесаломовите приврзеници растеа сè повеќе.
13 Тогаш стигна гласник кај Давида и му соопшти: „Срцето на Израел му се приклони на Авесалома.”
14 Тогаш Давид им рече на сите свои слуги кои што беа со него во Ерусалим: „Станете! Да бегаме! Инаку нема да му избегаме на Авесалома. Поитајте бргу, за да не биде тој побрз и да нè стигне, да не обори зло врз нас, и да не го погуби градот со острилото на мечот!”
15 А царевите дворјанци му одговорија на царот: „Што и да одлучи нашиот господар цар, еве ги твоите слуги!”
16 И царот излезе пеш со сиот свој двор; сепак царот остави десет наложнички, за да го чуваат домот.
17 И царот замина пеш со сиот народ и застана кај последната куќа.
18 Сите негови дворјанци стоеја покрај него. Тогаш сите Херетејци, сите Фелетејци, Итај и сите Гетејци, кои беа дошле со него од Гат, шест стотини луѓе, поминаа пред царот.
19 Царот го праша Гетеецот Итај: „Зошто и ти идеш со нас? Врати се и остани кај царот! Ти си странец, протеран од својата земја.
20 Вчера дојде, а денес да те водам да скиташ со нас, кога јас одам кај што ќе посакам. Врати се и одведи ги своите браќа назад со себе, а доброта и верност со тебе!”
21 Но Итај му одговори на царот вака: „Живиот ми Господ, и така да биде жив мојот господар цар: каде што ќе биде мојот господар царот, било за смрт или за живот, таму ќе биде и твојот слуга!”
22 Тогаш Давид му рече на Итаја: „Ајде, помини!” И Итај од Гат помина со сите свои луѓе и со сите малечки кои беа со него.
23 А целата земја плачеше на глас. Царот го помина потокот Кедрон, и сиот народ поминуваше пред него кон пустината.
24 Ете, дојде и Садок и со него сите левити кои го носеа Ковчегот на Божјиот завет. И тие го положија Божјиот Ковчег; и Авијатар отиде горе, додека сиот народ не излезе од градот.
25 Тогаш царот му рече на Садока: „Однеси го Божјиот Ковчег повторно назад во градот. Ако најдам милост пред очите на Господа, Тој ќе ме доведе назад и ќе ми дозволи да го видам Него и Неговото живеалиште.
26 Ако, пак, Тој каже: ‘Немам кон тебе благонаклоност,’ - тогаш, ете ме, нека прави со мене што е добро во Неговите очи!”
27 Уште царот му рече на свештеникот Садок: „Не ли си пророк? Врати се со мир во градот, и твоите два сина со тебе, твојот син Ахимас и Авијатаровиот син Јонатан.
28 Еве, јас ќе се задржам во рамнината на пустината додека не дојде глас од вас, за да ме извести.”
29 Тогаш Садок и Авијатар го однесоа Божјиот Ковчег назад во Ерусалим и останаа таму.
30 Давид се искачуваше по нагорништето на Маслиновата Гора, сè плачејќи, со покриена глава и бос, и сиот народ што беше со него, ја покри секој својата глава, и одеше плачејќи.
31 Тогаш му јавија на Давида дека и Ахитофел е меѓу заверениците со Авесалома. И Давид рече: „Те молам, о Господи, направи го Ахитофеловиот совет безумие!”
32 Кога Давид дојде на врвот на гората, таму каде што се поклонуваа на Бога, и ете, во пресрет му дојде Архиецот Хусај, со раскината облека и со глава посипана со прав.
33 Давид му рече: „Ако тргнеш со мене, ќе ми бидеш на товар.”
34 Но ако се вратиш во градот и му речеш на Авесалома: ‘Царе, ќе бидам твој слуга, како што бев слуга на татко ти досега, така ќе ти бидам сега слуга’; тогаш ќе можеш да ги вратиш во моја полза Ахитофеловите совети.
35 Не ли се таму со тебе свештениците Садок и Авијатар? Сè што ќе чуеш од царскиот двор, соопшти им на свештениците Садок и Авијатар.
36 Ете, таму со нив се и нивните два сина, Ахимас Садоков, а и Јонатан Авијатаров: јавувајте ми по нив сè што ќе чуете.”
37 Така Хусај, Давидов пријател, се врати во градот кога Авесалом влегуваше во Ерусалим.