2 Самоилова 1:21-27 MKB

21 О проклети Гелвујски Гори, роса да не паѓа врз вас, ниту дожд од небото да ве мие! Вашите полиња да не враќаат род за семе, зашто кај вас е исфрлен штитот на силните! Сауловиот штит не беше помазан со масло

22 туку со крвта на ранетите, со маста на паднатите! Јонатановиот лак никогаш не промашил, Сауловиот меч никогаш не беше неуспешен!

23 Саул и Јонатан, љубезни, сложни ни живи не се разделија, ниту во смртта! Беа побрзи од орлите, со снага посилни од лавовите!

24 Ќерки Израелки, сега плачете по Саула, зашто ве облекуваше во убаво црвено! Покрај тоа тој ви прицврстуваше златен накит на облеката.

25 Како загинаа јунаците сред бојот, Јонатан загина на твоите височини!

26 Жал ми е за тебе, брате, Јонатану! Колку многу ти ми беше мил! Твојата љубов ми беше уште почудесна од женската.

27 Ох, како загинаа јунаците, и како е скршено бојното оружје!”