6 А младиот гласоносец одговори: „Случајно дојдов на гората Гелвуе и го видов Саула како се опрел врз своето копје, а бојните коли и коњаниците го настигнуваа.
7 Саул, обѕрнувајќи се, ме здогледа мене и ме повика, а јас му се одѕвав: ‘Еве ме!’
8 И тој ме праша: ‘Кој си ти?’ А јас му одговорив: ‘Амаликец сум.’
9 Тогаш тој ми рече: ‘Дојди ваму кај мене и убиј ме, зашто ме опфати смртен грч, а душата е уште сета во мене!’
10 Пристапив кон него и му зададов смртен удар, зашто знаев дека нема да преживее по паѓањето. Потоа ги зедов круната што му беше на главата и нараквицата што ја имаше на раката и, еве, му го донесов тоа на својот господар.”
11 Тогаш Давид ги грабна своите облеки и ги раскина, а исто така и сите луѓе кои беа со него.
12 И тажеа, плачеа и постеа до вечерта за Саула и за неговиот син Јонатан, за Господовиот народ и за Израелевиот дом што изгинаа од меч.