2 Самоилова 11:1-7 MKB

1 Во почетокот на следната година, во времето кога царевите излегуваат во војна, Давид ги испрати Јоава и со него сите свои луѓе и сиот Израел: тие ги разбија Амонците и ја опсадија Рава. А Давид остана во Ерусалим.

2 А еден ден, приквечер, Давид стана од својата постела и се прошета по покривот на својот дворец. Од покривот забележа жена како што се капе. Жената беше убава на глетка.

3 Давид испрати и се распраша за жената, и му рекоа: „Па тоа е Витсавеа, ќерка Елиамова и жена на Хетеецот Уриј!”

4 Тогаш Давид испрати гласник за да ја доведат кај него. Кога дојде, тој легна со неа, токму кога беше се очистила од својата нечистота, потоа таа се врати во својата куќа.

5 Жената забремени та му порача на Давида: „Трудна сум!”

6 Тогаш Давид му испрати порака на Јоав: „Испрати го кај мене Хетеецот Уриј!” И Јоав го испрати Урија кај Давида.

7 Кога Уриј дојде кај него, Давид го праша како е Јоав, како е војската и како напредува војната.