2 Самоилова 11:2-8 MKB

2 А еден ден, приквечер, Давид стана од својата постела и се прошета по покривот на својот дворец. Од покривот забележа жена како што се капе. Жената беше убава на глетка.

3 Давид испрати и се распраша за жената, и му рекоа: „Па тоа е Витсавеа, ќерка Елиамова и жена на Хетеецот Уриј!”

4 Тогаш Давид испрати гласник за да ја доведат кај него. Кога дојде, тој легна со неа, токму кога беше се очистила од својата нечистота, потоа таа се врати во својата куќа.

5 Жената забремени та му порача на Давида: „Трудна сум!”

6 Тогаш Давид му испрати порака на Јоав: „Испрати го кај мене Хетеецот Уриј!” И Јоав го испрати Урија кај Давида.

7 Кога Уриј дојде кај него, Давид го праша како е Јоав, како е војската и како напредува војната.

8 Потоа Давид му рече на Урија: „Слези во својата куќа и измиј си ги своите нозе!” Уриј излезе од царскиот дворец, а по него изнесоа подарок од царскиот стол.