2 Самоилова 11:21-27 MKB

21 Кој го уби Авимелеха, синот Ерувесетов? Не фрли ли врз него една жена мелнички камен, одозгора од ѕидот, та загина во Тевес? Зошто се доближивте толку близу до ѕидот?’ Ако ти рече така, а ти речи му: ‘Загина и твојот слуга Хетеецот Уриј.’”

22 Гласникот тргна на пат, дојде кај Давида и му раскажа сè што му наложи Јоав. А Давид пламна со гнев на Јоава и му рече на гласникот: „Зошто сте се доближиле толку близу до ѕидот? Кој го уби Авимелеха, синот Ерувесетов? Не фрли ли врз него една жена мелнички камен, одозгора од ѕидот, та загина во Тевес? Зошто се доближивте толку близу до ѕидот?”

23 Гласникот му одговори на Давида: „Тие луѓе удрија силно врз нас и излегоа против нас на отворено поле. Ние ги потиснавме назад до градската врата,

24 ама стрелците од ѕидот почнаа да фрлаат стрели врз твоите луѓе, та загинаа неколку од царските луѓе; така загина и твојот слуга Хетеецот Уриј.”

25 Тогаш Давид му рече на гласникот: „Речи му вака на Јоава: ‘Не земај го тоа толку на срце, зашто мечот го голта сега овој, сега оној. Удирај уште посилно на градот и разурни го!’ Така ќе му ја вратиш смелоста!”

26 Кога Уриевата жена чу дека загина нејзиниот маж Уриј, жалеше по својот маж.

27 А кога помина времето на жалоста, Давид испрати по неа и ја зеде во својот дом, и таа му стана жена. И му роди син. Но делото што го направи Давид беше зло во очите на Господа.