2 Самоилова 12:14-20 MKB

14 Но бидејќи со тоа дело го презре Господа, неминовно ќе умре детето, кое ти се роди!”

15 Потоа Натан си отиде во својата куќа. А Господ го удри детето кое Уриевата жена му го роди на Давида, и тоа се разболе.

16 Давид Му се обрати на Бога со молитва за детето: постеше, се враќаше дома и лежеше преку ноќта на гола земја.

17 А старешините на неговиот дом стоеја околу него за да го подигнат од земјата, ама тој не сакаше и не вкуси никакво јадење со нив.

18 А на седмиот ден умре детето. Давидовите дворјанци не се осмелија да му соопштат дека детето умре. Зашто мислеа: „Додека детето беше живо, му зборувавме, а тој не сакаше да нè слуша. А како ќе му кажеме кога детето умре? Ќе направи зло!”

19 Давид забележа дека неговите дворјанци шепотат меѓу себе, и тој сфати дека детето умре. И ги праша Давид своите дворјанци: „Дали умре детето?” А тие одговорија: „Умре.”

20 Тогаш Давид стана од земјата, се искапи, се помаза и се пресоблече во други облеки. Потоа влезе во Господовиот дом и се поклони. Откако се врати потоа во својата куќа, побара да му дадат јадење; и јадеше.