2 Самоилова 13:27-33 MKB

27 Ама Авесалом и натаму навалуваше, та најпосле Давид ги пушти со него Амнона и сите царски синови.

28 И им заповеда на своите слуги вака: „Внимавајте! Кога ќе му се развесели срцето на Амнон од вино и кога јас ќе ви викнам: ‘Убијте го Амнона!’ тогаш погубете го! Не бојте се, зашто така ви заповедам! Охрабрете се и покажете се јунаци!”

29 И Авесаломовите слуги направија со Амнон како што им заповеда Авесалом. Тогаш сите царски синови станаа, ги јавнаа секој својата мазга и избегаа.

30 Додека тие уште беа на пат, на Давида му дојде ваква вест: „Авесалом ги истепа сите царски синови, ниеден од нив не остана.”

31 Царот стана, ги раскина своите облеки и се фрли на земја; и сите негови дворјанци кои што стоеја околу него ги раскинаа своите облеки.

32 Ама Јонадав, синот на Давидовиот брат Сама, проговори вака: „Нека не зборува мојот господар дека ги погубиле сите млади луѓе, царските синови, зашто загина само Амнон: зашто преку Авесаломовата уста беше решено од оној ден, кога Амнон ја засрами неговата сестра Тамара.

33 Затоа сега мојот господар и цар нека не мисли во срцето дека загинаа сите царски синови. Загина само Амнон.”