2 Самоилова 13:29-35 MKB

29 И Авесаломовите слуги направија со Амнон како што им заповеда Авесалом. Тогаш сите царски синови станаа, ги јавнаа секој својата мазга и избегаа.

30 Додека тие уште беа на пат, на Давида му дојде ваква вест: „Авесалом ги истепа сите царски синови, ниеден од нив не остана.”

31 Царот стана, ги раскина своите облеки и се фрли на земја; и сите негови дворјанци кои што стоеја околу него ги раскинаа своите облеки.

32 Ама Јонадав, синот на Давидовиот брат Сама, проговори вака: „Нека не зборува мојот господар дека ги погубиле сите млади луѓе, царските синови, зашто загина само Амнон: зашто преку Авесаломовата уста беше решено од оној ден, кога Амнон ја засрами неговата сестра Тамара.

33 Затоа сега мојот господар и цар нека не мисли во срцето дека загинаа сите царски синови. Загина само Амнон.”

34 А Авесалом избега. А момчето што беше на стража ги подигна очите и согледа мноштво народ како слегува по патот зад него, отаде планината.

35 И Јонадав му рече на царот: „Еве, стигнаа царските синови! Се случи како што ти рече твојот слуга.”