2 Самоилова 14:12-18 MKB

12 А жената продолжи: „Дозволи, твојата слугинка да му рече еден збор на својот господар цар.” А тој одврати: „Зборувај!”

13 А жената рече: „И така, зошто царот - бидејќи со изречувањето на ваквата мисла самиот се призна за виновен - донесе одлука против народот Божји да не го пушта дома оној, кого го протерал?

14 Ние сите сме смртни. Слични сме на водата што се пролева на земја и веќе не може да се собере, и Бог не го подига мртвиот: но мисли за тоа, за протераниот да не остане заточен далеку од него.

15 А причината зошто дојдов да ја изнесам пред својот господар цар оваа работа беше таа што луѓето ме заплашија, па твојата слугинка мислеше: ‘Треба да зборувам со царот, можеби царот ќе го направи она што ќе му каже неговата слугинка.

16 Зашто царот ќе ја послуша својата слугинка и ќе ја избави од рацете на човекот, кој сака да ме истреби заедно со мојот син од Божјото наследство.’

17 Затоа твојата слугинка помисли: ‘Зборот на мојот господар и цар нека ми биде на смирување. Зашто мојот господар и цар е како Божји ангел кој распознава добро и зло. Господ, твојот Бог, нека биде со тебе!’”

18 Тогаш царот проговори и и рече на жената: „Немој сега да ми го скриеш она што ќе те прашам!” А жената одговори: „Нека зборува мојот господар цар!”