2 Самоилова 15:31-37 MKB

31 Тогаш му јавија на Давида дека и Ахитофел е меѓу заверениците со Авесалома. И Давид рече: „Те молам, о Господи, направи го Ахитофеловиот совет безумие!”

32 Кога Давид дојде на врвот на гората, таму каде што се поклонуваа на Бога, и ете, во пресрет му дојде Архиецот Хусај, со раскината облека и со глава посипана со прав.

33 Давид му рече: „Ако тргнеш со мене, ќе ми бидеш на товар.”

34 Но ако се вратиш во градот и му речеш на Авесалома: ‘Царе, ќе бидам твој слуга, како што бев слуга на татко ти досега, така ќе ти бидам сега слуга’; тогаш ќе можеш да ги вратиш во моја полза Ахитофеловите совети.

35 Не ли се таму со тебе свештениците Садок и Авијатар? Сè што ќе чуеш од царскиот двор, соопшти им на свештениците Садок и Авијатар.

36 Ете, таму со нив се и нивните два сина, Ахимас Садоков, а и Јонатан Авијатаров: јавувајте ми по нив сè што ќе чуете.”

37 Така Хусај, Давидов пријател, се врати во градот кога Авесалом влегуваше во Ерусалим.