2 Самоилова 18:17-23 MKB

17 Потоа го зедоа Авесалома, го фрлија во длабока јама сред гората и навалија врз неа голем куп камења. Израелците пак избегаа секој во својот шатор.

18 Авесалом уште додека беше жив си постави споменик во Царевата Долина, зашто мислеше: „Немам син кој би го запазил споменот за моето име.” И го нарече тој споменик според своето име, та уште и денес се вика „Авесаломов Споменик.”

19 Ахимас, Садоковиот син, му рече на Јоава: „Одам да му ја соопштам на царот веселата вест дека Господ му додели правда, откако го избави од рацете на неговите непријатели.”

20 Ама Јоав му рече: „Денес не можеш да бидеш гласник, туку тоа ќе бидеш во некој друг ден; денес не можеш да однесеш добра вест, зашто загина царевиот син.”

21 Потоа Јоав му нареди на Етиопецот: „Оди и соопшти му на царот што виде!” Етиопецот му се поклони на Јоава и отрча.

22 А Садоковиот син Ахимас пак го замоли Јоава: „Што и да се случи, дозволи ми да отрчам и јас по Етиопецот.” А Јоав праша: „Зошто би трчал, сине мој, кога таа вест нема да ти донесе награда?”

23 А тој повтори: „Што и да се случи, ќе трчам!” А Јоав му одговори: „Трчај!” И Ахимас отрча низ рамницата и го престигна Етиопецот.