2 Самоилова 18:2-8 MKB

2 Потоа ја подели војската на три дела: едната третина му ја предаде на Јоава, втората третина на Ависај, а третата третина на Гетеецот Итај. Тогаш Давид му рече на народот: „И јас ќе дојдам со вас во војна.”

3 Но народот се спротиви: „Ти не смееш да одиш. Зашто ние и ако побегнеме, никој не ќе обрнува внимание на тоа, или ако загинеме и половина, не ќе се обрнува внимание на тоа; ама ти самиот вредиш колку десет илјади од нас. Освен тоа, подобро е да бидеш подготвен да ни помогнеш од градот.”

4 А царот им одговори: „Ќе направам сè што ви се чини добро.” И царот застана покрај вратата, додека војската излегуваше по стотини и илјади.

5 А на Јоава, на Ависаја и на Итаја им даде заповед: „Чувајте ми го младиот човек Авесалом!” И сиот народ чу дека царот им заповеда така на своите војводи за Авесалома.

6 Така војската излезе подготвена за бој пред Израел, и се зафати битка во Ефремовата Гора.

7 Давидовите луѓе ја поразија израелската војска; и голем пораз беше во оној ден: дваесет илјади мртви.

8 Бојот се рашири низ сиот оној крај, и повеќе луѓе голтна во тој ден гората отколку мечот.