2 Самоилова 19:19-25 MKB

19 и му рече на царот: „Мојот господар нека не ми припишува грев! Не спомнувај си за злото што ти го направи твојот слуга во оној ден кога мојот господар и цар излегуваше од Ерусалим. Царот нека не го зема тоа при срце!

20 Твојот слуга гледа дека згрешил; затоа, еве, дојдов денес прв од сиот Јосифов дом за да му излезам во пресрет на својот господар и цар.”

21 Ама Серуиниот син Ависај проговори и рече: „Зар Симеј не заслужува смрт што го проколнуваше Господовиот помазаник?”

22 А Давид одговори: „Што имам јас со вас, Серуини синови, та ме воведувате денес во искушение? Зар би можел денес некој да биде погубен во Израел? Та сега знам дека сум денес пак цар над Израел.”

23 Тогаш царот му рече на Симеј: „Нема да загинеш!” И царот му се заколна.

24 И Сауловиот син Мефивостеј му слезе во пресрет на царот. Тој не ги негуваше ни своите нозе ни своите раце, не ја средуваше својата брада, не ги переше своите облеки од оној ден кога царот замина па сè до денот кога се врати пак во мир.

25 Кога му дојде во пресрет на царот од Ерусалим, царот го праша: „Зошто не тргна со мене, Мефивостеју?”