2 Самоилова 19:25-31 MKB

25 Кога му дојде во пресрет на царот од Ерусалим, царот го праша: „Зошто не тргна со мене, Мефивостеју?”

26 А тој одговори: „Цару господару! Мојот слуга ме измами. Твојот слуга му рече: ‘Насамари ми ја ослицата, да ја јавнам и да тргнам со царот!’ Зашто твојот слуга е хром.

27 Тој го наклевети твојот слуга пред мојот господар и цар. Ама мојот господар и цар е како Божји ангел: затоа прави што е добро во твоите очи.

28 Зашто сиот мој татков дом немаше заслужено друго освен смрт од мојот господар цар, а ти сепак го прими својот слуга меѓу оние кои јадат на твојот стол. Па како уште имам право да се поплачувам пред царот?”

29 А царот му одговори: „Зошто уште да го тегнеш својот говор? Одредувам: ти и Сива поделете си ги нивите!”

30 Мефивостеј му рече на царот: „Нека земе и сè, кога мојот господар цар се врати среќно во својот дом!”

31 И Галадецот Варзелај дојде од Рогелим и продолжи со царот за да го испрати преку Јордан.