2 Самоилова 19:31-37 MKB

31 И Галадецот Варзелај дојде од Рогелим и продолжи со царот за да го испрати преку Јордан.

32 Варзелај беше многу стар, му беа осумдесет години. Го снабдуваше царот со храна додека престојуваше во Маханаим, зашто беше мошне имотен човек.

33 Царот му рече на Варзелај: „Појди со мене, јас ќе те издржавам во твоите стари денови кај себе во Ерусалим.”

34 А Варзелај му одговори на царот: „А уште колку години ми остануваат за да одам со царот во Ерусалим?

35 Сега ми се осумдесет години; можам ли уште да разликувам што е добро а што зло? Може ли уште да му биде пријатно на твојот слуга тоа што јаде и што пие? Можам ли уште да го слушам гласот на пејачот и пејачката? Зошто твојот слуга уште би му бил товар на својот господар цар?

36 Твојот слуга уште само ќе помине преку Јордан со царот, но зошто царот би ми дал таква награда?

37 Дозволи му на својот слуга да се врати за да умрам во својот град кај гробот на својот татко и својата мајка. Но еве го твојот слуга Хамам, нека оди натаму со мојот господар цар, па стори му нему што е добро во твоите очи!”