2 Самоилова 19:4-10 MKB

4 А царот го покри своето лице и викаше со сиот глас: „Сине мој Авесаломе! Авесаломе, сине мој! Сине мој!”

5 Тогаш Јоав дојде кај царот во куќата и му рече: „Го срамиш денес лицето на сите свои слуги, кои што денес ти го спасија животот тебе, животот на твоите синови и на твоите ќерки, животот на твоите жени и на твоите соложници,

6 зашто им искажуваш љубов на оние кои те мразат, а омраза на оние кои те љубат. Денес покажа дека ништо не ти е ни до војводите ни до војниците, зашто гледам сега дека ќе ти беше сосем право кога Авесалом би бил жив, а ние сите да загиневме денес.

7 Затоа сега стани, излези и проговори им љубезно на своите војници; зашто, ти се колнам во Господа, ако не излезеш, ниеден човек не ќе остане со тебе ноќеска, и тоа ќе ти биде поголема несреќа од сите што те нашле од твојата младост па досега.”

8 Царот стана и седна при вратата. Му го јавија тоа на сиот народ, говорејќи: „Ене, царот седи при вратата.” И целиот народ дојде пред лицето на царот (кај вратата). А Израелците се разбегаа секој во својот шатор.

9 И сиот народ по сите Израелеви племиња се препираше, говорејќи: „Царот нè избави од рацете на нашите непријатели, тој нè избави од филистејските раце, а сега требаше да побегне од земјата пред Авесалома.

10 А Авесалом кого го помазавме за цар загина во бојот. И така, зошто се двоумите да го доведете царот назад?”