2 Самоилова 24:18-24 MKB

18 Во истиот ден дојде Гад кај Давида и му рече: „Оди и подигни Му на Господа жртвеник на гумното на Евусеецот Орнан!”

19 И Давид отиде според Гадовите зборови, како што Му заповеда Господ.

20 Кога Орнан погледна, ги забележа царот и неговите дворјанци како што одат кон него. Орнан излезе и му се поклони на царот со лицето до земја.

21 Орнан праша: „Зошто мојот господар цар дојде кај својот слуга?” А Давид одговори: „За да го купи од тебе ова гумно, за да Му изгради жртвеник на Господа, па да прекрати поморот во народот.”

22 Орнан му рече на Давида: „Мојот господар и цар нека го земе и нека жртвува она што е добро во неговите очи! Еве говеда за паленици, млатови и волска спрема за дрва!

23 Сè тоа слугата на мојот господар цар му го подарува на царот!” Уште му рече Орнан на царот: „Господ, твојот Бог, нека ти биде милостив!”

24 Но царот му одговори на Орнан: „Не, туку сакам да купам од тебе и да платам; нема да Му принесувам на Господа, својот Бог, паленици што ми се подарени.” И така Давид ги купи гумното и говедата за педесет сребрени сикли.