2 Самоилова 3:26-32 MKB

26 Потоа Јоав излезе од кај Давида и испрати гласници по Авенира, кои што се вратија, од кладенецот Сира, а Давид не знаеше ништо за тоа.

27 Кога Авенир се врати во Хеврон, Јоав го одведе настрана зад вратата, како да сака да разговара со него насамо, и таму го рани смртно во слабините, за да се одмазди за крвта на својот брат Асаил. И тој умре.

28 Кога после Давид го чу тоа, рече: „Јас и моето царство сме невини пред Господа довека за крвта на Авенира, Нировиот син.

29 Нека падне врз Јоавовата глава и врз сиот негов татковски дом! Никогаш да не снема во Јоавовиот дом луѓе болни од гноење или од лепра, луѓе кои се потпираат на стап или кои паѓаат од меч, луѓе кои немаат леб!”

30 Јоав и неговиот брат Ависај го убија Авенира, зашто тој го погуби нивниот брат Асаил во бојот кај Гаваон.

31 Тогаш Давид му рече на Јоава и на сета војска што беше со него: „Раскинете ги своите облеки, облечете вреќишта и тажете за Авенира!” И царот Давид тргна по носилката.

32 Кога го закопаа Авенира во Хеврон, царот почна да плаче гласно над Авенировиот гроб, а плачеше и сиот народ.