2 Самоилова 3:8-14 MKB

8 На тие Исвостееви зборови Авенир се разгневи и рече: „Зар сум јас кучешка глава во Јуда? До денес им правев само добро на домот на твојот татко Саул, на неговите браќа и на неговите пријатели; не дозволив да паднеш во Давидовите раце, а ти ме прекоруваш денес заради обична жена!

9 Нека Бог му го направи на Авенира ова зло и нека му додаде друго ако не направам како што Господ му се заколна на Давида:

10 дека ќе и го одземе царството на Сауловата куќа и дека ќе го зацврсти Давидовиот престол над Израел и над Јуда од Дан до Вирсавеа!”

11 Исвостеј не се осмели да му одговори ни збор на Авенира, зашто се плашеше од него.

12 Тогаш Авенир му испрати гласници на Давида и му порача: „Чија е земјата?” Сакаше да рече: „Склучи сојуз со мене, и мојата рака ќе ти помогне да го собереш околу себе сиот Израел.”

13 Давид му одговори на Авенира: „Добро! Ќе склучам сојуз со тебе! Ама барам само едно од тебе: не смееш да ми излезеш пред очи, ако не ја доведеш со себе Михала, Сауловата ќерка, кога ќе дојдеш да го видиш моето лице.”

14 Така, Давид испрати гласници и кај Исвостеј, Сауловиот син, со порака: „Врати ми ја мојата жена Михала што ја добив за сто филистејски обрезоци.”