2 Самоилова 4:4-10 MKB

4 Сауловиот син Јонатан имаше син хром на двете нозе. Нему му беа пет години кога од Езраел дојде глас за Сауловото и Јонатановото загинување. Неговата гледачка го дигнала и избега, но заради брзината на бегството детето падна и остана хромо. Името му беше Мефивостеј.

5 Синовите на Вироќанецот Римон, Рихав и Вана, се кренаа и дојдоа во време на најголемата дневна горештина до куќата на Исвостеј, а тој токму ја спиеше пладневната починка.

6 (А вратарката, чистејќи пченица, беше задремала та спиеше.) И влегоа таму до средината на куќата како дека ќе земат жито, го удрија во желудникот и избегаа зашто

7 кога влегоа во куќата, тој лежеше на постелата во својата спална. Тие го убија, му ја отсекоа главата и ја зедоа и цела таа ноќ одеа по патот низ Араба.

8 Исвостеевата глава му ја донесоа на Давида во Хеврон и му рекоа на царот: „Еве ја главата на Исвостеј, Сауловиот син, твојот непријател кој ти работеше спроти главата. Господ денес го одмазди крваво мојот господар и цар врз Саула и врз неговиот род.”

9 Но Давид им одговори на Рихав и на неговиот брат Вана, на синовите на Римон од Вирот, и им рече: „Така ми живиот Господ, Кој ме избави од секоја неволја!

10 Оној кој ми јави дека загина Саул, мислеше дека ми јавува радосна вест, а јас го фатив и го погубив во Сиклаг, за да му платам за неговата добра вест!