1 Додека Израел беше младенец Јас го љубев, го повикав Мојот син од Египет.
2 Но колку повеќе го викав, се подалеку одеа од Мене; им жртвуваа на вааловите идоли, им кадеа на киповите,
3 а Јас го учев Ефрема да оди, држејќи го за неговите раце; но тие не сознаа дека се грижев за нив.
4 Ги привлекував со човечки јажиња, со врските на љубовта; им бев како оној, кој во нивната челуст ја олабавува уздата; се наведнував над него и му давав да јаде.
5 Тој ќе се врати во Египетската Земја, Асирецот ќе му биде цар, зашто не сакаше да се врати кај Мене.
6 Мечот ќе почне да беснее низ неговите градови, ќе ги погуби неговите младенци; ќе голта заради неговите помисли.
7 Мојот народ е наклонет кон отпаѓање, иако го повикуваат кон Вишниот, никој нема да го исправи.