1 Кажете им на своите браќа: Народу Мој, на своите сестри: Помилувана.
2 Поднесете тужба, поднесете, против својата мајка, зашто таа не ми е жена, а Јас веќе не сум и маж. Нека ги отфрли блудствата од себе и прељубата меѓу своите дојки,
3 за да не ја свлечам гола та да направам да биде како на денот на своето раѓање; за да не ја претворам во пустина, за да не ја претворам во сува земја и за да не ја поморам со жед.
4 Јас нема да и ги милувам децата, зашто тоа се блуднички деца.
5 Да, нивната мајка му се предаде ма блудството, се срамеше она која ги зачна. Да, рече: Ќе трчам по своите љубовници, по нив кои ми ги даваат мојот леб и водата, мојата волна и ленот, маслото и мојот пијалак.
6 Заради тоа ќе и го заградам патот со трња, ќе ја опкружам со ѕид, за да не ги најде веќе своите патеки.
7 И ќе трча по љубовниците, но не ќе ги стигне, ќе ги бара, но не ќе ги најде. Тогаш ќе рече: Одам да му се вратам на првиот маж, зашто посреќна бев порано отколку сега.
8 И таа не разбра дека Јас и давав и жито и вино и масло, дека ја опсипував со сребро и со злато од кое направија идол за Ваала.
9 Затоа ќе го земам назад своето жито во Свое време и Своето вино во вистински час; ќе ги одземам Својата волна и Својот лен со кои требаше да ја покрива својата голота;
10 сега ќе и го откријам срамот пред очите на нејзините љубовници, и никој нема да ја избави од Мојата рака.
11 Ќе им направам крај на сите нејзини веселби; прослави, млади месечини, саботи, и на сите нејзини празници.
12 Ќе и ги запустам лозите и смоквите за кои зборуваше: „Тоа е платата што ми ја дадоа моите љубовници.” Ќе ги претворам во грмушници, и полските животни ќе ги брстат.
13 Ќе ја казнам за Вааловите денови на кои им кадеше, се китеше со гривна и со огрлица и трчаше по своите љубовници; а Мене Ме забораваше - говори Господ.
14 Еве, затоа ќе ја привлечам, ќе ја одведам во пустината и ќе му проговорам на нејзиното срце.
15 И таму ќе и ги вратам нејзините лозја, и од Ахорската Долина ќе направам врата на надеж. Таму ќе ми се одѕива таа како во деновите на својата младост, како во времето кога излезе од Египет.
16 Во оној ден - говори Господ - ти ќе ме викаш: „Мажу мој,” а не ќе ме викаш веќе: „Ваалу мој.”
17 Ќе и ги отстранам од устата ваалските имиња, и веќе не ќе им ги споменува имињата.
18 Во оној ден, ќе склучам за нив сојуз со животните во полето, со небесните птици и со земните ползачи; ќе ги истребам од земјата лакот, мечот и војната за да почиваат мирно во неа.
19 Ќе те свршам довека за Себе; Ќе те свршам во правда и справедливост, во добрина и во милост;
20 ќе те свршам за Себе во верност и ти ќе Го сознаеш Господа.
21 Во оној ден - говори Господ - ќе им се одѕвијам на небесата, а таа ќе им се одѕвие на земјата;
22 земјата ќе им се одѕвие на житото, на виното и на маслото, а тие ќе му се одѕвијат на Езраел.
23 И ќе ја посеам за Себе во земјата, ќе ја замилувам непомилуваната и ќе му речам на Не-Мој-Народот: „Ти си Мој народ!” а тој ќе рече: „Боже мој!”