Осија 9 MKB

1 Не радувај се, Израелу, не воскликнувај како другите народи; му се предаде на блудството, зашто, откако го остави Својот Бог, ја засака блудничката плата по сите гумна.

2 Ни гумното ни кацата не ќе ги хранат, и младото вино ќе ги измами.

3 Не ќе живеат веќе во Господовата Земја, Ефрем ќе се врати во Египет и ќе јадат нечисти јадења во Асир.

4 Не ќе Му налеваат веќе вино на Господа, ниту ќе Му ги принесуваат своите жртви; лебот ќе им биде како леб на жалост, и ќе биде нечист кој ќе го јаде; зашто нивниот леб е само за нив, нема да влезе во Господовиот Дом.

5 Што ќе правите во празничен ден, во денот на Господовиот собир?

6 Зашто, еве како отидоа пред запустувањето; Египет ќе ги прифати, Мемфис ќе ги погребе, копривата ќе ги наследи нивните сребрени блага, нивните шатори ќе зарастат во трње.

7 Дојдоа деновите на казната! Дојдоа деновите на одмаздата! Израел нека знае! Пророкот е луд, вдахновениот блада! Заради твоето големо беззаконие и заради големата омраза.

8 Ефрем е стражар покрај Мојот Бог; пророкот - стапица за птици на сите негови патишта, соблазна - во куќата на неговиот Бог.

9 Паднаа во длабока расипаност како во деновите на Гаваја; Господ ќе си спомне за нивните беззаконија и ќе ги казни нивните гревови.

10 Го најдов Израел како грозје во пустината, ги видов вашите татковци како ран плод на смоквата; тие дојдоа во Вел Фегор, му се посветија на срамот и станаа грозотии како нивните љубимци.

11 Ефремовата слава одлета како птица: од раѓањето, од утробата, од зачнувањето.

12 Но иако ги одгледаат своите синови, ќе ги одземам пред добата на мажеството, да, тешко им ним кога ќе ги оставам!

13 Ефрем е како да го гледам Тир посаден во нива, но Ефрем ќе ги води своите деца на колење.

14 Дај им, о Господи! А што да им дадеш? Дај им утроба што не раѓа, исушени гради.

15 Во Галгал е сета нивна злоба, таму ги замразив. Заради нивните лоши дела, ќе ги истерам сите од Својата куќа, не ќе ги љубам веќе, сите кнезови им се одметници.

16 Ефрем е поразен, им се исуши коренот; не ќе има род. И ако им се родат деца, ќе им го умртвам милиот плод на утробата.

17 Мојот Бог ќе ги отфрли зашто не Го послушаа; и ќе скитаат меѓу народите.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14