Осија 8 MKB

1 Трубата на уста, како стражарот на Господовиот Дом; зашто тие го престапија Мојот Завет, го престапија Мојот Закон.

2 Ми викаат Мене: „Те познаваме, Боже Израелев.”

3 Ама Израел го отфрли доброто, непријателот ќе го гони.

4 Поставуваа цареви без Мене, бираа кнезови без Мое знаење. Од своето сребро и злато си направија лажни богови, за да бидат уништени.

5 Го отфрлив твоето теле, Самаријо, Мојот гнев се распламте против нив. До кога ќе останат нечисти Израелевите синови?

6 Некој уметник го направи, и тоа не е Бог. Самариското теле ќе се претвори во делови.

7 Посеаја ветер, и ќе пожнеат бура; житото не ќе им из’ртее, не ќе даде брашно; и ако даде, ќе го изедат туѓинци.

8 Израел е проголтан, еве го меѓу народите како нескапоцена посатка;

9 зашто отидоа кај Асирецот, кај дивото осле што живее само! Ефрем ги дарува љубовниците.

10 Само нека ги дарува, сега ќе ги распрснам меѓу народите: и наскоро ќе се растреперат под товарот на царот на кнезовите.

11 Ефрем ги умножи жртвениците, тие му послужија за грев.

12 Да му напишам и илјади Свои закони тие ќе ги сметаат за туѓи.

13 Нека ги жртвуваат закланиците што Ми ги принесуваат, нека јадат месо! На Господа не Му се угодни. Отсега ќе ги спомнува нивните беззаконија и ќе ги казнува нивните гревови: тие ќе се вратат во Египет.

14 Израел го заборави својот Творец и си изгради дворци; Јуда ги умножи цврстите градови. Ќе пуштам оган врз нивните градови; огнот ќе му ги голтне дворците.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14