1 Кога зборуваше Ефрем, задаваше страв, зашто тој беше првенец во Израел, но згреши со Ваала и загина.
2 И сега уште грешат тие правејќи си идоли од сребро, идоли според својата замисла: сите тие се дело на ракотворец! Ним - велат - жртвувајте им, луѓето нека ги целиваат телињата!
3 Затоа тие ќе бидат како утрински облак, како роса што ја снемува бргу, како плева разнесена од гумното, како дим што излегува низ отворот.
4 А Јас Сум Господ, твој Бог сè од Египетската Земја: не љуби друг Бог освен Мене! Нема Спасител освен Мене.
5 Јас те љубев во пустината, во сувата земја.
6 Јас ги пасев, и беа сити; наситените срца им се вообразија; и така Ме заборавија.
7 Затоа ќе им бидам како лав, како леопард што дебне на патот;
8 како мечка на која и ги грабнаа мечињата, Јас ќе се фрлам на нив, ќе им ги раскинам градите до срцето; како лав ќе го изедам нивното месо, полските ѕверови ќе ги растргаат.
9 Ќе те уништам, Израелу, и кој ќе ти помогне?
10 Та каде ти е царот за да те спаси, каде се твоите кнезови за да те бранат - оние за кои зборуваше: „Дај ми цар и кнезови!”
11 Во Својот гнев ти дадов цар, и во расрденост ти го земам.
12 Добро се чува Ефремовото беззаконие, неговиот грев добро е пазен во скривалиште.
13 Врз него дојдоа родилни болки, ама тој е лудо чедо, не излегува на време од мајчината утроба!
14 Јас ќе ги избавам од власта на пеколот, ќе ги спасам од смртта! Смрт, каде е твоето осило? Гробу, каде е твојата победа? За тоа нема да се покајам.
15 Така е плоден Ефрем меѓу браќата, но ќе дојде источен ветер, Господов ветер од пустината: ќе му ги исуши изворите, ќе му ги пресуши кладенците, ќе му ја ограби ризницата, ќе му го однесе благото.
16 Самарија ќе биде запустена зашто се побуни против Својот Бог. Тие ќе паднат од меч, нивните младенци ќе бидат погубени, ќе им ги распорат нивните трудни жени.