1 „Ајде да му се вратиме на Господа! Тој раскина, Тој ќе не исцели: Тој нè рани, Тој ќе ни ги завитка раните;
2 по два дни ќе нè оживее, на третиот ден ќе нè подигне, и ние ќе живееме пред Него.
3 Да се стремиме да Го запознаеме Господа; како утринската зора е Неговото јавување. Тој ќе ни дојде како есенски дожд, како пролетен дожд што ја натопува земјата.”
4 Што можам да сторам за тебе, Ефреме? Што можам да сторам за тебе, Јудо? Вашата побожност е како утрински облак, како рана роса што ја снемува.
5 Затоа ги сечев преку пророците и ги убивав со зборовите на Својата уста; но Твојот суд ќе излезе како светлина.
6 Зашто милоста ја сакам, а не жртви, и познавањето на Бога, повеќе од палениците.
7 Но тие како Адама го прекршија заветот и таму Ме изневерија Мене.
8 Галад е злосторнички град, полн со крвави траги.
9 Свештеничката дружба е како разбојничка заседа: убиваат по Сихемскиот Пат; навистина, прават срам!
10 Ужас видов во Израелевиот дом; таму Ефрем му се предава на блудството и се обесветува Израел.
11 И тебе, Јудо, ти одредив жетва, кога ќе ја свртам судбината на Својот народ.