1 Кога сакам да го лечам Израел, се открива Ефремовото беззаконие и злобата на Самарија; тие се занимаваат со измама: крадецот провалува во куќата, а надвор напаѓаат разбојници.
2 И тие не велат во своето срце дека Јас го помнам сето нивно беззаконие! Но сега нивните дела ги опколија, тие стојат пред Моето лице.
3 Го веселат царот со својата злоба, а кнезовите со својата подмолност.
4 Сите тие се прељубници, како вжарена печка што пекарот веќе не ја вжарува кога ќе го замеси тестото па додека не скисне.
5 Во денот на нашиот цар кнезовите се разболеа од жестокоста на виното, а тој им ја испружува раката на пијаните.
6 Во завера срцето им се вжарува како печка; нивната јарост дрема цела ноќ, наутро се разгорува како огнен пламен;
7 сите се распалиле како печка та ги проголтуваат своите судови. Сите нивни цареви паднаа, а ниеден од нив не Ме повика.
8 Ефрем се меша со народите, Ефрем е погача што не ја превртија.
9 Туѓинците ја јадат неговата сила, а тој тоа и не го знае! Седите коси му ја обелија главата, а тој тоа и не го знае!
10 Израелевата гордост е понижена во нивните очи и тие не се враќаат кај Господа, својот Бог, и покрај сè тие не Го бараат!
11 Ефрем е како наивен гулаб и без срце: тие го повикуваат Египет, одат во Асирија.
12 Каде и да одат, ќе ја распнам Мојата мрежа врз нив, ќе ги оборам како небесните птици, ќе ги казнам како што слушале во нивното собрание.
13 Тешко им ним зашто избегаа од Мене! Гибел за нив зашто се побунија против Мене! Сакам да ги откупам, а тие лажат против Мене.
14 Тие не Ме повикуваат од срце кога лелекаат на своите легла; го раскинуваат своето лице заради житото и виното, ама се бунат против Мене.
15 Додека Јас им ја крепев мишката, тие смислуваа зла против Мене!
16 Се завртуваат кон ништожествата, тие се како измамливиот лак. Заради дрскиот јазик кнезовите ќе им паднат од меч, тоа ќе им биде потсмев во Египетската Земја!