Осија 2:11-17 MKB

11 Ќе им направам крај на сите нејзини веселби; прослави, млади месечини, саботи, и на сите нејзини празници.

12 Ќе и ги запустам лозите и смоквите за кои зборуваше: „Тоа е платата што ми ја дадоа моите љубовници.” Ќе ги претворам во грмушници, и полските животни ќе ги брстат.

13 Ќе ја казнам за Вааловите денови на кои им кадеше, се китеше со гривна и со огрлица и трчаше по своите љубовници; а Мене Ме забораваше - говори Господ.

14 Еве, затоа ќе ја привлечам, ќе ја одведам во пустината и ќе му проговорам на нејзиното срце.

15 И таму ќе и ги вратам нејзините лозја, и од Ахорската Долина ќе направам врата на надеж. Таму ќе ми се одѕива таа како во деновите на својата младост, како во времето кога излезе од Египет.

16 Во оној ден - говори Господ - ти ќе ме викаш: „Мажу мој,” а не ќе ме викаш веќе: „Ваалу мој.”

17 Ќе и ги отстранам од устата ваалските имиња, и веќе не ќе им ги споменува имињата.