16 Во оној ден - говори Господ - ти ќе ме викаш: „Мажу мој,” а не ќе ме викаш веќе: „Ваалу мој.”
17 Ќе и ги отстранам од устата ваалските имиња, и веќе не ќе им ги споменува имињата.
18 Во оној ден, ќе склучам за нив сојуз со животните во полето, со небесните птици и со земните ползачи; ќе ги истребам од земјата лакот, мечот и војната за да почиваат мирно во неа.
19 Ќе те свршам довека за Себе; Ќе те свршам во правда и справедливост, во добрина и во милост;
20 ќе те свршам за Себе во верност и ти ќе Го сознаеш Господа.
21 Во оној ден - говори Господ - ќе им се одѕвијам на небесата, а таа ќе им се одѕвие на земјата;
22 земјата ќе им се одѕвие на житото, на виното и на маслото, а тие ќе му се одѕвијат на Езраел.