Проповедник 9:11-17 MKB

11 Освен тоа видов под сонцето: не ја добиваат трката брзите; ни бојот храбрите; нема леб за мудреците, ни богатство за разумните, ни милост за учените, зашто времето и кобта ги достигнува сите.

12 Човекот не го знае својот час: како рибите уловени во подмолна мрежа, и како птиците фатени во примка, така се фаќаат човечките синови во времето на неволја, што ги опфаќа ненадејно.

13 Уште ја видов под сонцето и оваа „мудрост”, што ми се виде голема:

14 Беше еден мал град и малку луѓе во него, а на него удри голем цар, го опкружи и подигна околу него големи опсадни стражарници.

15 Но во него се најде мудар сиромав, кој го спаси градот со својата мудрост, а после никој не си спомнуваше за тој човек.

16 Сепак јас велам: подобра е мудроста отколку јачината, но не се цени мудроста на сиромавиот и не се слушаат неговите зборови.

17 Тивките благи зборови на мудрецот се слушаат подобро отколку викотницата на заповедникот над глупците.