2 Коринтјаните 11 MK2006D

Павле и лажните апостоли

1 Ех, да бевте потрпеле малку од моето безумие! Да, потрпете ме!

2 Зашто за вас сум љубоморен со Бож­ја љубомора; зашто ве свршив за еден маж, за да ве претставам пред Христос како чиста девица.

3 Но се плашам, како што змијата со своето лукавство ја измами Ева, да не се одвратат вашите мисли поради вашата искреност кон Христос.

4 Зашто, ако некој дојдеше да про­по­веда друг Исус, кого ние не сме го проповедале; или, ако добиевте друг дух, кого не сте го добиле, или друго евангелие, кое не сте го примиле, вие добро ќе го поднесевте.

5 Но јас мислам дека во ништо не сум помал од надапостолите.

6 Иако сум прост во говорот, во зна­­ењето не сум. А насекаде и по сѐ сме ви добро познати.

7 Направив ли грев што, понизувајќи се себе за да ве издигнам вас, бесплатно ви Го проповедам Евангелието Божјо?

8 Други цркви оштетив, добивајќи од нив издршка, да ви служам вам, и додека бев кај вас, иако бев со скудност, ни­кому не дотежнав,

9 зашто во немаштијата моја ми по­могнаа браќата што дојдоа од Ма­ке­до­нија. Па и во сѐ друго се пазев и ќе се пазам да не ви бидам на товар.

10 Поради вистината Христова во мене, оваа пофалба никој нема да ми ја земе во краиштата ахајски.

11 А зошто? Затоа ли што не ве са­кам? Бог знае!

12 Но, она што го правам, ќе го пра­вам и понатаму за да не им дадам повод на оние, кои бараат повод, па да се изедначат со нас во она за кое се фалат.

13 Зашто таквите луѓе се лажни апостоли, лукави работници, кои се пре­пра­ваат во Христови апостоли.

14 И не е за чудење! Па и самиот са­та­на се преправа во ангел на светлината;

15 па затоа и не е големо нешто ако и служителите негови се преправаат како слуги на правдата; но нивниот крај ќе им биде според делата нивни.

Маченичка пожртвуваност

16 Повторно велам: никој да не ме смета за безумен; впрочем, барем како безумен примете ме, та и јас да имам со што да се пофалам.

17 А она што го зборувам, не го зборувам по Господ, туку како во безумие, во таа моја смелост во фалбата.

18 Бидејќи мнозина се фалат по телото, ќе се пофалам и јас.

19 Зашто и вие, кои сте мудри луѓе, љубезно ги примивте безумните;

20 зашто вие поднесувате ако некој ве поробува, ако некој ве изедува, ако некој граба, ако некој се гордее, ако некој ве удира по образ.

21 Со срамење зборувам дека и ние сме биле слаби. Но ако некој се осмели, во безумство говорам, ќе се осмелам и јас.

22 Евреи ли се? И јас сум! Израилец ли е? И јас сум! Семе Авраамово ли се? И јас сум!

23 Служители Христови ли се? Во без­умство зборувам, јас сум уште повеќе: во напори – изобилно, во затвори – изобилно, во камшикување – прекумерно, во смртна опасност – често.

24 Од Јудејците примив петпати по четириесет без еден удар;

25 трипати сум тепан со стапови, ед­наш каменуван, трипати претрпев бро­долом, и ноќ и ден поминав во длабоко море;

26 многупати сум патувал, сум бил во опасност од реки, во опасност од разбој­ници, во опасност од сонародници, во опасност од незнабошци, во опасност по градови, во опасност по пустини, во опасност по море, во опасност меѓу лажни браќа;

27 во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија.

28 А покрај сѐ друго, тука се уште и секојдневните напади против мене, како и грижата за сите цркви.

29 Кој изнемоштува, без да изнемош­там и јас? Кој се соблазнува, без да се распалам и јас?

30 Ако треба да се фалам, со слабоста своја ќе се пофалам.

31 Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој е благословен во вечни векови, знае дека не лажам.

32 Во Дамаск управителот на цар Аре­та го чуваше градот Дамаск со стража, сакајќи да ме фати; и јас во кош бев спуштен преку прозорец низ ѕди избегав од рацете негови.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13