1 И така, решив во себе да не доаѓам кај вас со жалост,
2 зашто, ако јас ве нажалам, тогаш кој ќе ме зарадува, ако не оној кого сум го ожалостил?
3 Тоа исто и ви го напишав, та, кога ќе дојдам, да не ме ожалостат оние кои треба да ме зарадуваат; бидејќи сум уверен во сите вас дека мојата радост е радост и за сите вас.
4 Зашто од многу грижи и од тага на срцето ви пишував со многу солзи, не за да ве ожалостам, туку за да ја познаете преголемата љубов што ја имам кон вас.
5 Ако ли, пак, некој ме ожалости, не ме ожалостил само мене, туку, да не претерам, донекаде и сите вас.
6 За таков доволна е казната што ја претрпел од мнозинството;
7 така што за вас е подобро да го помилувате и да го утешите, за да не пропадне од преголема жалост;
8 затоа ве молам кон него да покажете љубов.
9 Затоа и ви напишав, да ве испитам и да дознаам дали сте во сѐ послушни.
10 А кому вие ќе му простите нешто, нему ќе му простам и јас; ако сум простил некому нешто, сум му простил поради вас во името на Исус Христос,
11 за да не нѐ прелаже сатаната, зашто неговите намисли добро ни се познати.
12 Кога дојдов во Троада да го проповедам Евангелието Христово, иако вратата ми беше отворена во Господ,
13 духот мој немаше спокој, бидејќи таму не го најдов мојот брат Тит; и затоа, откако се простив со нив, заминав за Македонија.
14 Но да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Исус Христос, и на секое место преку нас го пројавува мирисот на спознанието на Самиот Него.
15 Зашто ние сме Му на Бога благопријатен мирис Христов и меѓу оние кои се спасуваат и меѓу оние кои пропаѓаат;
16 на едните сме смртоносен мирис за смрт, а на другите животворен мирис за живот. И за ова кој е способен?
17 Зашто ние не сме како мнозина што тргуваат со Божјото име, туку го проповедаме искрено, како од Бога, пред Бога, во Христос.