1 Затоа, бидејќи по милоста Божја го имаме ова служење, ние со духот не паѓаме;
2 но се одрековме од прикриени срамни дела, не постапуваме со лукавство, ниту го изопачуваме словото Божјо, туку со јавувањето на вистината се препорачуваме на секоја човечка совест пред Бога.
3 Ако, пак, е и покриено нашето Евангелие, тоа е покриено за оние што пропаѓаат:
4 за оние, на кои богот од овој свет им ги заслепил нивните безверни умови, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христос, Кој е слика на невидливиот Бог.
5 Зашто ние самите себе не се проповедаме, туку Христос Исус Господ; што се однесува, пак, до нас, ние сме ваши слуги поради Исус.
6 Зашто Бог, Кој некогаш заповеда од „темнината да изгрее светлина“, Тој ги озари срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исус Христос светло.
7 Но таа ризница ја носиме во глинени садови, та преизобилната сила да биде од Бога, а не од нас.
8 Од секаде сме угнетувани, но не сме потиштени; во недоумица сме, не губиме надеж;
9 нѐ гонат, но не сме напуштени; нѐ кутнуваат, но ние не пропаѓаме.
10 И секогаш во телото наше ја носиме смртта на Господ Исус, така што и животот Исусов да се открие во телото наше.
11 Зашто ние, живите, постојано се изложуваме на смрт заради Исус, та и животот Исусов да се открие во нашето смртно тело.
12 Така смртта дејствува во нас, а животот – во вас.
13 А, пак, бидејќи го имаме тој ист дух на верата, како што е напишано: „Поверував и затоа говорев“, и ние веруваме, па затоа и говориме,
14 бидејќи знаеме дека Оној Кој Го воскресна Господ Исус и нас ќе нѐ воскресне преку Исус и ќе нѐ постави со вас.
15 Зашто сѐ е заради вас, та благодатта, намножена преку благодарноста на мнозина, да изобилува за славата Божја.
16 Затоа ние не паѓаме со духот; но, ако нашиот надворешен човек тлее, внатрешниот од ден на ден се обновува.
17 Зашто нашите сегашни незначителни страдања ни донесуваат многу пообилна и вечна тежина на славата,
18 зашто ние не целиме кон видливото, туку кон невидливото, бидејќи видливото е времено, а невидливото – вечно.