1 Ова е третпат како доаѓам кај вас: „Од устата на двајца или тројца сведоци ќе се потврди секој збор.“
2 Како што ве предупредив, кога бев по вторпат кај вас, така и сега, кога не сум меѓу вас, ги предупредувам оние кои однапред погрешија и сите други, дека ако дојдам пак, нема да поштедувам;
3 вие барате доказ дека зборува Христос во мене, Кој спрема вас не е немоќен, туку е силен меѓу вас.
4 Зашто, иако беше во немоќ распнат, Тој е жив по моќта Божја; бидејќи сме и ние слаби во Него, но ќе бидеме живи со Него, преку силата Божја меѓу вас.
5 Испитувајте се сами себе дали сте во верата! Сами проверувајте се! Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас? Освен, само ако сте недостојни.
6 А за нас, се надеваме дека ќе разберете дека ние не сме недостојни.
7 Му се молиме на Бога да не правите никакво зло; не да се покажеме ние како достојни, туку вие да вршите добро, па макар ние како недостојни да останеме.
8 Зашто ние сме силни не против вистината, туку за вистината.
9 Се радуваме кога ние слабееме, а вие јакнете. А за тоа и Му се молиме на Бога за вашето усовршување.
10 Овие работи ви ги пишувам додека сум далеку од вас; па, кога ќе дојдам кај вас, да не употребам строгост според власта која ми ја даде Господ за надградување, а не за рушење.
11 И така, браќа, радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномислени, живејте во мир, – и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас.
12 Поздравете се еден со друг преку свет целив. Ве поздравуваат сите светии.
13 Благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога и Отецот и заедништвото на Светиот Дух нека бидат со сите вас. Амин!