1 Павле, апостол на Исус Христос, по волја Божја, и братот Тимотеј, до црквата Божја во Коринт заедно со сите светии по цела Ахаја.
2 Благодат и мир од Бог Отецот наш, и Господ Исус Христос!
3 Благословен нека е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на милосрдноста и Бог на секоја утеха.
4 Тој нѐ утешува при секоја наша неволја, та и ние да можеме да ги утешиме сите оние кои се во неволја со онаа утеха со која Бог нѐ утешува нас самите!
5 Зашто, како што изобилуваат Христовите страдања во нас, така изобилува и утехата наша преку Христа.
6 Ако сме во неволја, – тоа е за ваша утеха и спасение; ако сме утешени, тоа е за ваша утеха и спасение. Тие стануваат делотворни само кога ги претрпувате истите страдања што ги трпиме и ние;
7 а и надежта наша за вас е цврста, се утешуваме ли, се утешуваме за ваша утеха и спасение, знаејќи дека како што учествувавте во нашите страдања, така ќе бидете учесници и во утехата.
8 Браќа, не сакаме да ја затаиме неволјата што нѐ снајде во Азија; дека бевме оптоварени прекумерно, дури преку нашите сили, ние не се надевавме ни живи да останеме.
9 Туку сами во себе ја примивме смртната пресуда за да не се надеваме во себе, туку на Бога, Кој ги воскреснува мртвите.
10 Тој нѐ избави од таква страшна смрт, а и уште нѐ избавува. Во Него се надеваме дека и уште ќе нѐ избавува;
11 па со помошта и на вашата молитва за нас многу луѓе да Му благодарат на Бога за даровите што ни се дадени поради вас.
12 Бидејќи нашата пофалба е оваа: сведоштво на нашата совест дека со простодушност и искреност пред Бога, а не со телесна мудрост, туку со Божја благодат живееме на светот, особено, пак, меѓу вас.
13 Зашто друго не ви пишуваме, освен она што го читате и разбирате, па се надеваме дека и до крај ќе го разберете,
14 како што веќе донекаде и разбравте дека ние сме ваша пофалба, како и вие наша, во денот на нашиот Господ Исус Христос.
15 И со таа увереност се готвев да дојдам кај вас порано, та повторно да примите благодат,
16 и преку вас да заминам за Македонија, а од Македонија пак да дојдам кај вас, та вие да ме придружите до Јудеја.
17 Но, сметајќи го ова, можеби лесномислено постапив? Или, пак, што се наканував, по телото ли се наканував, та моето „Да“ да биде и „Не?“
18 Но Бог е сведок дека нашиот збор до вас не беше „Да“ и „Не“.
19 Зашто Синот Божји, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас јас и Силван и Тимотеј, не беше „Да“ и „Не“, туку во Него беше „Да“,
20 бидејќи сите ветувања Божји во Него се „Да“, и во Него „Амин“, за слава Божја преку нас.
21 Бог е Оној Кој нѐ утврди со вас во Христос и нѐ помаза;
22 Тој и нѐ запечати и ни даде залог на Духот во срцата наши.
23 А јас Го повикувам Бога за сведок на мојата душа дека, штедејќи ве вас, не дојдов во Коринт досега;
24 но не како ние да владееме со верата ваша, туку сме соработници на вашата радост, бидејќи во верата вие сте цврсти.