1 Во врска со помагањето на светиите сметам дека не треба да ви пишувам,
2 зашто ја познавам вашата спремност, за која се фалам со вас пред Македонците: „Ахаја приготвила помош уште од лани“; и вашата ревност поттикна мнозина.
3 А браќата ги испратив за да не биде напразна нашата пофалба за вас, туку да бидете приготвени, како што тврдев,
4 па, ако дојдат со мене Македонците и ве најдат неприготвени, да не останеме посрамени ние – да не речам вие, откако ве пофаливме со таква увереност.
5 Затоа сметав дека е потребно да ги замолам браќата да дојдат претходно кај вас и да ја приготват вашата однапред ветена милостина, па да се покаже како плод на благослов, а не на лакомство.
6 Ова, пак, ви го велам: кој така скржаво сее, така скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее.
7 Секој да дава како што одлучил во срцето, а не со жал или принуда; зашто Бог го љуби оној што од срце дава.
8 А Бог може изобилно да ве дарува со секаков дар, секогаш да имате доволно за сѐ, да бидете од сѐ срце дарежливи во секое добро дело.
9 Како што е напишано: „Раздаде, им даде на сиромашните; правдата Негова останува вечна.“
10 А Оној Кој му дава на сејачот семе и леб за храна, Тој ќе го умножи и семето ваше, и ќе ви даде да изобилуваат плодовите на вашата правда,
11 па во сѐ да се збогатите за секаква дарежливост, која преку нас предизвикува благодарност кон Бога.
12 Бидејќи извршувањето на таа служба не само што ги надополнува потребите на светиите, туку и во мнозина предизвикува обилна благодарност кон Бога;
13 и тие, користејќи ги плодовите од таа служба, Го прославуваат Бога за вашето покорно исповедање на Евангелието Христово и за штедроста на заедницата со нив и со сите други.
14 А тие со молитви за вас копнеат по вас поради преизобилната благодат Божја во вас.
15 Да Му благодариме на Бога за Неговиот неискажлив дар!