2 Коринтјаните 6 MK2006D

Апостол Павле охрабрува со својот пример

1 Како соработници Христови, ние ве молиме да не ја примате напразно благодатта Божја.

2 Зашто се вели: „Во благопријатно време те услишав и во денот на спасе­ние­то ти помогнав.“ Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спа­сението!

3 Никому никаков повод за соблазна не даваме за да не биде презрена нашата служба,

4 туку во сѐ се препорачуваме за слу­жители Божји, со големо трпение, во неволји, во нужди, во тегоби,

5 во удари, во затвори, во бунтови, во напори, во бденија, во пости,

6 со чистота, со знаење, со долготрпеливост, со добрина, со Духот Свети, со нелицемерна љубов,

7 со проповедта на вистината, со сила Божја, со оружјето на правдата во десна и во лева рака,

8 со славата и срамот, при укори и по­фалби; нѐ сметаат за измамници, а ние сме вистинити;

9 за непознати, а добро сме познати; нѐ држат како да сме на умирање, а еве – живи сме; како казнети, а неумртвени;

10 нѐ нажалуваат, а ние сме секогаш весели; нѐ сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а сѐ имаме.

11 Устата наша е отворена за вас Ко­ринтјани, и срцето наше се раширува.

12 Вам не ви е тесно во нас, но тесно ви е во срцата ваши.

13 За исто вознаградување ви зборувам како на чеда: бидете и вие широки.

Неопходен избор

14 Не впрегнувајте се заедно со без­верниците; зашто какво заедништво по­стои меѓу правдата и беззаконието? Што заедничко има меѓу светлината и темнината?

15 Какво согласие може да има меѓу Христос и Велијар? Или, што има заедничко меѓу верник и безверник?

16 Каква спогодба има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: „Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.“

17 „Затоа излезете од нивната средина и одделете се!“ Вели Господ, и „Не до­пирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам!

18 И Јас ќе ви бидам Татко, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки“, вели Гос­под Седржителот.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13