13 Ако сме надвор од себе, тоа е заради Бога; ако сме присебни, тоа е поради вас.
14 Бидејќи љубовта Христова нѐ гони да го мислиме ова: кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени.
15 А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, туку за Оној Кој умре за нив и воскресна.
16 Затоа ние отсега никого не познаваме по тело; иако Христос Го познавме по тело, но сега веќе не Го познаваме како таков.
17 И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото.
18 А сѐ е од Бога, Кој нѐ измири со Себе преку Исус Христос и ни го даде служењето на тоа измирување.
19 Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос, не земајќи ги предвид престапите на луѓето, и го положи во нас словото на измирување.