Евреите 11 MK2006D

Силата на верата

1 А верата е подлога за уверенос­та во она на кое се надеваме – убеденост во она што не се гледа.

2 Преку неа постарите добија све­доштво.

3 Преку верата разбираме дека ве­ко­вите се создадени со Божји збор и дека од невидливото произлегло видливото.

4 Со вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва, од Каиновата; преку неа тој доби сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочи за неговите да­рови; преку неа, иако мртов, тој уште зборува.

5 Преку вера Енох беше преселен за да не види смрт; и не се најде, бидејќи Бог го пресели. Зашто пред преселувањето тој доби сведоштво дека Му уго­дил на Бога.

6 А без вера не е можно да Му се уго­ди на Бога; бидејќи оние кои доаѓаат кај Бога, треба да веруваат дека Тој постои и дека ги наградува оние што Го бараат.

7 Преку вера Ное, откако беше пре­дупреден за она што уште не се гле­даше, со послушност го направи ков­чегот за да го спаси својот дом. Со тоа тој го осуди светот и стана наследник на праведноста по вера.

8 Со вера Авраам, кога беше повикан, послуша да појде во местото што требаше да го добие во наследство, и тргна, не знаејќи каде оди.

9 Со вера се всели Авраам во ветената земја како туѓинец и живееше под ша­тори со Исак и Јаков, наследници на истото ветување;

10 зашто тој го очекуваше оној град што има основи, чиј градител и творец е Бог.

11 Преку вера и самата Сара – иако бе­ше неплодна, доби сила да зачне и, пок­рај возраста нејзина, роди, зашто Го сметаше за верен Оној Кој беше ветил.

12 И така од еден, и тоа остарен, се ро­дија толку многу, колку што се ѕвездите на небото, и колку што е безбројниот песок на морскиот брег.

13 Сите тие умреа со вера, не добивај­ќи ги ветувањата, а само оддалеку ги видоа и ги поздравија, признавајќи дека се гости и придојдени.

14 Бидејќи оние што така зборуваат покажуваат дека бараат татковина.

15 И ако ја беа имале на ум онаа тат­ковина, од која беа излегле, ќе имаа прилика да се вратат.

16 Но тие сакаа подобра, односно небесна татковина; затоа и Бог не се срами да се нарече нивен Бог; бидејќи им има приготвено град.

17 Авраам со вера го принесе како жртва Исака, кога беше искушуван; и тој, што го доби ветувањето, го принесе својот единствен син,

18 за кого му беше речено: „Потом­ството од Исак ќе се нарече со твое име“;

19 зашто тој сметаше дека е Бог силен и дека и мртви може да воскреснува и така да речам, го прими Исак воскреснат.

20 Со вера Исак го благослови Јаков и Исав за иднината.

21 Со вера Јаков на умирање го бла­гослови секого од синовите на Јосиф и „им се поклони, потпирајќи се на врвот од жезолот свој.“

22 Со вера Јосиф на умирање спомна за излегувањето на синовите Израилеви од Египет и им даде упатства за коските свои.

23 Со вера Мојсеј, откако се роди, три месеци беше криен од родителите свои, зашто видоа дека детето е убаво, и не се уплашија од царската заповед.

24 Со вера Мојсеј, кога порасна, се откажа да се нарече син на фараоновата ќерка

25 и повеќе сакаше да страда заедно со народот Божји, отколку да ужива во минливите гревовни наслади.

26 Страдањето заради Христос го сметаше за поголемо богатство, откол­ку ризниците на Египет; зашто предвид ја имаше наградата.

27 Со вера тој го напушти Египет не плашејќи се од царскиот гнев, зашто веруваше во Оној Кој не се гледаше, како да Го гледа.

28 Со вера тој направи Пасха и по­прс­кување со крв, та истребувачот на првородените да не се допре до нив.

29 Со вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, коешто се обидоа и Египќаните да го преминат, но се изда­вија.

30 Преку вера паднаа ѕидовите на Ери­хон, откако беа обиколувани цели седум дена.

31 Со вера блудницата Раав не загина заедно со неверниците откако благонак­лоно ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат.

32 И што уште да кажам? Зашто не ќе имам доволно време да кажувам за Ге­деон, Варак, Самсон и Јефтај, за Давид и Самоил и другите пророци,

33 кои преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија усти на лавови;

34 угаснаа огнена сила, ја избегнаа острицата на мечот, од немоќни станаа крепки, станаа силни во војна, прогонија туѓи војски;

35 жени примија свои умрени воскреснати; други, пак, беа мачени и „не при­фа­тија да бидат ослободени“, за да добијат подоб­ро воскресение;

36 а други поднесоа подигрување и камшикување, па дури и окови и зат­вор;

37 со камења беа убивани, со пила се­чени, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам –

38 тие, за кои светот беше недостоен – скитаа по пустини, по ридови, по пеш­тери и јами во земјата.

39 И сите тие, иако примија сведоштво преку верата, сепак не го добија ветеното,

40 зашто Бог предвиде нешто подобро, та тие без нас да не примат совршен­ство.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13