1 Тој Мелхиседек беше цар салимски, свештеник на Севишниот Бог, кој го пресретна Авраам, кога се враќаше од борбата со царевите, и го благослови,
2 кому и Авраам му даде десеток од сѐ, и кој по значењето на името негово е прво цар на правдата, а потоа и цар на Салим, односно цар на мирот.
3 Без татко, без мајка, без род, немаше ниту почеток на дните, ниту крај на животот и, по таков начин, е подобен на Синот Божји, и останува вечен свештеник.
4 Гледате ли колку е голем оној кому прататкото Авраам му даде десеток од најдобриот плен!
5 Оние од Левиевите синови, што примаат свештенство, имаат заповед да земаат по Законот десеток од народот, односно од браќата свои, иако и тие произлегле од бедрата Авраамови.
6 Но тој, кој не му припаѓаше на нашиот род, зеде десеток од Авраам и го благослови оној што беше примил ветувања.
7 Не може да има никаков спор дека помалиот се благословува од поголемиот.
8 Така, овде смртни луѓе земаат десетоци, а таму – Оној, за Кого има сведоштво дека е жив.
9 И, така да речам, Левиј, кој прима десетоци, и сам даде десеток преку Авраам,
10 бидејќи уште беше во бедрата на татко си кога го сретна Мелхиседек.
11 Па така, ако совршенство можеше да се постигне преку левитското свештенство, бидејќи врз основа на него народот доби Закон, каква потреба има да се воздигне друг свештеник по чинот на Мелхиседек, наместо по чинот на Арон?
12 Зашто, кога ќе се промени свештенството, тогаш се јавува потреба да се измени и законот.
13 А Оној за Кого се зборува ова, се вбројува во друго колено, од кое никој не беше пристапувал до жртвеникот;
14 зашто е познато дека Господ наш произлезе од Јуда, а за свештенството од ова колено Мојсеј ништо не рекол.
15 И уште појасно станува тоа кога се воздига слично на Мелхиседек друг свештеник,
16 Кој станал таков не по силата на телесна заповед, туку по силата на вечниот живот.
17 Зашто се посведочи: „Ти си вечен свештеник по чинот на Мелхиседек.“
18 А, пак, одменувањето на поранешната заповед се изврши поради тоа што таа беше слаба и бесполезна,
19 зашто Законот ништо не доведува до совршенство; а се воведе подобра надеж, преку која се приближуваме до Бога.
20 Тоа беше потврдено со заклетва.
21 Зашто оние беа станале свештеници без заклетва, а Тој – со заклетва, преку Оној Кој Му рече: „Се заколна Господ и нема да се раскае: ,Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков.‘“
22 Затоа Исус стана залог на толку подобар завет.
23 А тие беа многу свештеници, зашто смртта не им даваше да остане само еден;
24 а Тој, бидејќи живее вечно, има свештенство што нема да мине на друг.
25 Затоа Тој и може за вечно да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив.
26 Таков Првосвештеник и ни требаше: свет, непорочен, неосквернет, одвоен од грешниците и возвишен над небесата.
27 Кој нема потреба, како и другите првосвештеници, секојдневно да принесува жртва прво за гревовите свои, а потоа и за оние на народот, бидејќи Тој го изврши тоа еднаш засекогаш, откако Сам Себе се принесе како жртва.
28 Зашто Законот за првосвештеници поставува луѓе што се немоќни; а словото на клетвата што е по Законот – Синот, Кој е вечно совршен.