1 Затоа, браќа свети, учесници во небесното призвание, размислете за Пратеникот и Првосвештеникот на нашата вера, Исус Христос.
2 Кој Му беше верен на Оној Кој Го поставил, како и Мојсеј – во целиот негов дом.
3 Зашто Тој се удостои со слава, толку поголема од Мојсеевата, колку што е поголема почитта што ја има оној што го изградил домот од почитта што ја има домот!
4 Зашто секој дом се гради од некого; а Оној, Кој изградил сѐ, е Бог.
5 И Мојсеј Му беше верен како слуга на целиот Негов дом, за да го посведочи она што требаше да се соопшти.
6 Христос, како Син, е верен во Божјиот дом. Негов дом, пак, сме ние, само ако слободата и надежта, со кои се фалиме, ги запазиме до крај.
7 Поради тоа, како што вели Светиот Дух: „Денес, ако го чуете гласот Негов,
8 не жесточете ги срцата свои, како во огорченоста на денот на искушувањето во пустината,
9 каде што татковците ваши Ме искушаа, Ме испитуваа, иако ги гледаа делата Мои преку четириесет години.
10 Затоа се разгневив на тој род и реков, секогаш се заблудуваа во срцата свои и не ги познаа патиштата Мои.
11 Па така се заколнав во Својот гнев дека нема да влезат во Мојот спокој.“
12 Браќа, гледајте, да не би во некого од вас, да има зло и неверно срце, та да отстапи од живиот Бог.
13 Туку храбрете се секој ден еден по друг додека сѐ уште се вели: „Денес“, та никој од вас да не отрпне преку измамата на гревот;
14 зашто ние станавме соработници на Христос. Само ако ја задржиме цврсто до крај првобитната цврста подлога;
15 додека се вели: „Денес, кога ќе го чуете Неговиот глас, да не отрпнат срцата ваши онака како кога се побунивте.“
16 А кои беа тие што чуја и пак се побунија? Зар не беа тоа сите оние кои со Мојсеј излегоа од Египет?
17 Против кого негодуваше Тој четириесет години? Нели против оние што погрешија и чии коски останаа во пустината?
18 А на кои им се заколнал дека нема да влезат во Неговиот спокој ако не на оние, што беа непослушни?
19 И така, гледаме дека тие не можеа да влезат поради неверието.