16 Но тие сакаа подобра, односно небесна татковина; затоа и Бог не се срами да се нарече нивен Бог; бидејќи им има приготвено град.
17 Авраам со вера го принесе како жртва Исака, кога беше искушуван; и тој, што го доби ветувањето, го принесе својот единствен син,
18 за кого му беше речено: „Потомството од Исак ќе се нарече со твое име“;
19 зашто тој сметаше дека е Бог силен и дека и мртви може да воскреснува и така да речам, го прими Исак воскреснат.
20 Со вера Исак го благослови Јаков и Исав за иднината.
21 Со вера Јаков на умирање го благослови секого од синовите на Јосиф и „им се поклони, потпирајќи се на врвот од жезолот свој.“
22 Со вера Јосиф на умирање спомна за излегувањето на синовите Израилеви од Египет и им даде упатства за коските свои.