24 Со вера Мојсеј, кога порасна, се откажа да се нарече син на фараоновата ќерка
25 и повеќе сакаше да страда заедно со народот Божји, отколку да ужива во минливите гревовни наслади.
26 Страдањето заради Христос го сметаше за поголемо богатство, отколку ризниците на Египет; зашто предвид ја имаше наградата.
27 Со вера тој го напушти Египет не плашејќи се од царскиот гнев, зашто веруваше во Оној Кој не се гледаше, како да Го гледа.
28 Со вера тој направи Пасха и попрскување со крв, та истребувачот на првородените да не се допре до нив.
29 Со вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, коешто се обидоа и Египќаните да го преминат, но се издавија.
30 Преку вера паднаа ѕидовите на Ерихон, откако беа обиколувани цели седум дена.