9 Со вера се всели Авраам во ветената земја како туѓинец и живееше под шатори со Исак и Јаков, наследници на истото ветување;
10 зашто тој го очекуваше оној град што има основи, чиј градител и творец е Бог.
11 Преку вера и самата Сара – иако беше неплодна, доби сила да зачне и, покрај возраста нејзина, роди, зашто Го сметаше за верен Оној Кој беше ветил.
12 И така од еден, и тоа остарен, се родија толку многу, колку што се ѕвездите на небото, и колку што е безбројниот песок на морскиот брег.
13 Сите тие умреа со вера, не добивајќи ги ветувањата, а само оддалеку ги видоа и ги поздравија, признавајќи дека се гости и придојдени.
14 Бидејќи оние што така зборуваат покажуваат дека бараат татковина.
15 И ако ја беа имале на ум онаа татковина, од која беа излегле, ќе имаа прилика да се вратат.