4 Во борбата против гревот уште не сте се противеле до крв.
5 И сте ја заборавиле утехата која вам, како на синови ви зборува: „Сине мој, не презирај ја казната од Господ и не биди малодушен кога те казнува,
6 зашто Господ го казнува оној кого што го сака; го кара секој син што го прима.“
7 Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син кого таткото не го казнува?
8 Ако, пак, останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови.
9 Ако се плашиме од нашите татковци кога нѐ казнуваат, тогаш колку повеќе треба да Му се покориме на Отецот на духовите, па да бидеме живи?
10 Зашто тие нѐ казнуваат за кратко време, како што им се чинело најдобро; а Тој – за полза, та да учествуваме во Неговата светост.