10 Зашто Му прилегаше на Оној, поради Кого е сѐ и од Кого е сѐ, при донесувањето на многубројните чеда во слава, преку страдања да го усоврши Зачетникот на нивното спасение.
11 Бидејќи и Оној што осветува, и оние што се осветуваат, сите се од Еден; и затоа Исус не се срамува да ги нарече браќа, велејќи:
12 „Ќе го возвестам името Твое меѓу браќата Мои, среде собранието ќе Те славам.“
13 И пак: „Јас ќе се надевам на Него.“ И одново: „Ете Ме Мене и децата Мои што Ми ги даде Бог.“
14 А бидејќи децата се учесници во телото и крвта, така и Тој зеде еднакво учество во тоа, та преку смртта да го победи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот;
15 па да ги ослободи оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство.
16 Зашто јасно е дека Тој не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авраамовите потомци;