Марко 1 MKB

1 Почеток на Евангелието за Исуса Христа, Божјиот Син.

2 Како што е пишано кај пророците: „Ете, Јас го испраќам Својот гласник пред Твоето лице, кој ќе го приготви Твојот пат;

3 гласот на оној, кој вика во пустината: ‘Пригответе го патот на Господа, израмнете Му ги патеките’.”

4 Се јави Јован, крштавајќи во пустината и проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите.

5 И излегуваше при него целата Јудејска страна и сите ерусалимци; и тој ги крштаваше во реката Јордан, при што тие ги исповедуваа своите гревови.

6 А Јован беше облечен во облека од камилски влакна и имаше кожен појас околу својата половина, и јадеше скакулци и див мед.

7 И проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилен од мене; пред Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата на Неговите обувки.

8 Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крсти во Светиот Дух.”

9 И во тоа време, Исус дојде од Назарет во Галилеја, и Јован Го крсти во Јордан.

10 И веднаш, додека излегуваше од водата, виде: како се отворија небесата и Духот како слегува над Него како гулаб.

11 И се чу глас од небото: „Ти си Мојот возљубен Син; во Кого Ми е милината!”

12 Веднаш потоа Духот Го одведе во пустината.

13 И беше во пустината четириесет дни, искушуван од сатаната. И беше меѓу ѕверови; и ангели Му служеа.

14 А откако Јован беше предаден, Исус дојде во Галилеја, проповедајќи го Божјото Евангелие.

15 И зборуваше: „Времето се исполни, и наближи Божјото Царство; покајте се и верувајте во Евангелието!”

16 И одејќи покрај Галилејското Море, ги виде Симона и Андреја, братот Симонов, како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари.

17 И Исус им рече: „Врвете по Мене и Јас ќе направам да станете рибари на луѓе!”

18 И веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.

19 И кога одмина малку потаму ги виде: Јакова, Зеведеевиот син и брата му Јована - и нив во кораб - како ги крпат мрежите;

20 и веднаш ги повика и, оставајќи го татка си Зеведеја со наемниците во коработ, тргнаа по Него.

21 И дојдоа во Капернаум и веднаш во саботата, влезе во синагогата и поучуваше.

22 И и се восхитуваа на Неговата наука, зашто ги учеше како Оној, Кој има власт, а не како книжниците.

23 Тогаш, во нивната синагога беше човек, опфатен од нечист дух, и извика

24 велејќи: „Ах! Што имаме ние со Тебе, Исусе Назарејче? Дали дојде да нè погубиш? Знам Кој си Ти: Божји Светец!”

25 И Исус му се закани: „Молкни и излези од него!”

26 И нечистиот дух го стресе, извика со висок глас и излезе од него.

27 И сите се зачудија, така што се прашуваа еден со друг, велејќи: „Што е ова? Нова наука - полна со сила! - Им заповеда и на нечистите духови и тие Му се покоруваат!”

28 И веднаш се разнесе глас за Него на сите страни, по целата галилејска околина.

29 И штом излезе од синагогата, дојде во куќата на Симона и Андреја, со Јакова и Јована.

30 А Симоновата тешта лежеше од треска, и веднаш Му рекоа за неа.

31 Тој и пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската ја остави, па им служеше.

32 А приквечер, по зајдисонце, Му ги доведоа сите болни и бесни

33 и целиот град се собра пред вратата.

34 И исцели мнозина, кои страдаа од разни болести: и истера многу бесови, и не им одобри на демоните да зборуваат, зашто Го знаеја.

35 А наутро, додека уште беше темно, стана, излезе и отиде во пусто место, и таму се молеше.

36 А Симон и оние, кои беа со него, поитаа по Него,

37 и кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!”

38 И им одговори: „Да одиме: во соседните села, да проповедам и таму, зашто затоа и излегов.”

39 И дојде, проповедајќи - во нивните синагоги по цела Галилеја - и изгонувајќи ги бесовите.

40 И дојде при Него еден лепрозен, молејќи Го и коленичејќи, Му зборуваше: „ Ако сакаш, можеш да ме очистиш.”

41 И му се смили, ја протегна раката и го допре и му рече: „Сакам! Биди чист!”

42 И веднаш лепрата отиде од него и стана чист.

43 И предупредувајќи го строго, веднаш го отпушти

44 и му рече: „Гледај, никому ништо да не кажеш! Туку оди, покажи му се на свештеникот, и принеси за своето очистување она, што заповедал Мојсеј - ним за сведоштво.”

45 А тој, штом си отиде, почна да разгласува многу и да раскажува за настанот, така што Исус не можеше веќе јавно да влезе во град; туку беше надвор, по пусти места; а доаѓаа кај Него од сите страни.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16