Марко 6 MKB

1 И отиде оттаму и дојде во Својот роден крај, а Неговите ученици одеа по Него.

2 А кога дојде саботата, почна да поучува во синагогата, и мнозина, кои слушаа, се зачудија и рекоа: „Откаде Му е ова Нему? И каква е мудроста што Му е дадена? И какви чудеса прават Неговите раце?

3 Не е ли овој дрводелец, Синот на Марија, и брат Јаковов, и Јосиин, и Јудин и Симонов? И не се ли Неговите сестри тука меѓу нас?” И се соблазнија во Него.

4 А Исус им рече: „Пророк не е без чест, освен во својот роден крај, и меѓу своите роднини и во својата куќа.”

5 И не можеше таму да направи никакво чудо, освен што исцели малку болни, полагајќи ги рацете врз нив.

6 И се чудеше на нивното неверие. И обиколуваше по околните села и поучуваше.

7 И ги повика Дванаесетмината; почна да ги праќа по двајца, и им даде власт над нечистите духови.

8 И им заповеда да не носат ништо за по пат освен еден стап: ни леб, ни торба, ни пари во појасот,

9 туку да се обуени во сандали и да не облекуваат по две облеки.

10 И им рече: „Каде и да влезете во куќа, останете таму, додека не излезете оттаму.

11 А ако не ве примат и не ве послушаат, излезете оттаму и истресете го правот од своите нозе, ним за сведоштво!”

12 И излегоа и проповедаа дека луѓето треба да се покајат.

13 И изгонуваа многу демони, и многу болни помазуваа со масло и ги оздравуваа.

14 И царот Ирод чу, зашто Неговото име беше прочуено, и зборуваше: „Јован Крстител стана од мртвите и затоа дејствуваат силите во него!”

15 Други пак велеа, дека е Илија; а други велеа дека е пророк, или како еден од пророците.

16 Но кога Ирод чу, рече: „Јован, кому јас му ја отсеков главата, тој стана од мртвите.”

17 Имено, Ирод испрати и го фати Јована и го врза во темницата, заради Иродијада, жената на брата му Филипа, бидејќи се ожени со неа,

18 зашто Јован му велеше на Ирода: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на брата си.”

19 А Иродијада беше озлобена на него и сакаше да го убие, но не можеше.

20 Зашто Ирод се плашеше од Јована, знаејќи дека е човек праведен и свет, и го пазеше; и кога го слушаше, се збунуваше многу, но сепак го слушаше со задоволство.

21 И кога дојде погоден ден, кога Ирод на својот роденден, им даде вечера на своите кнезови, на војводите и на галилејските прваци;

22 влезе Иродијадината ќерка и поигра и им угоди на Ирода и на прилегнатите со него, и царот и рече на девојката: „Побарај од мене што сакаш и ќе ти дадам.”

23 И и, се заколна: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам - до половина на моето царство.”

24 А таа излезе и и рече на мајка си: „Што да побарам?” А таа рече: „Главата на Јована Крстител.”

25 И веднаш, откако влезе брзо кај царот, побара, велејќи: „Сакам да ми ја дадеш, сега веднаш, на послужавник главата на Јована Крстител.”

26 И царот многу се натажи, но заради заклетвата и оние што седеа со него, не сакаше да ја одбие.

27 И царот веднаш испрати стражар и му нареди да ја донесе неговата глава. И тој отиде, му ја отсече главата во темницата,

28 и ја донесе неговата глава на послужавник и и ја даде на девојката, а девојката ја даде на мајка си.

29 А кога неговите ученици чуја, дојдоа и го зедоа неговото тело и го положија во гроб.

30 И апостолите се собраа при Исуса и Го известија за сè што направиле и што поучувале.

31 И им рече: „Дојдете вие сами, на пусто место и починете си малку!” Зашто, мнозина доаѓаа и си заминуваа, и немаа време ни да јадат.

32 И отидоа со кораб на пусто место насамо.

33 Но ги видоа кога заминуваа и мнозина Го познаа и се запатија пеш, од сите градови, и стигнаа пред нив.

34 А кога излезе од коработ, виде големо множество и се сожали за нив, зашто беа како овци без пастир, и почна да ги поучува многу.

35 И бидејќи времето поодмина доста, Неговите ученици Му пристапија и Му рекоа: „ Местово е пусто, а веќе е доцна.

36 Распушти ги, за да отидат по околните колиби и села, и да си купат нешто да јадат!”

37 А Тој одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!” Му рекоа: „Да одиме ли да купиме леб за двеста денарии и да им дадеме да јадат?”

38 А Тој им рече: „Колку лебови имате? Одете и видете!” И кога узнаа, рекоа: „Пет и две риби.”

39 И им заповеда да ги наместат сите по групи, на зелената трева.

40 И прилегнаа во групи по сто и педесет.

41 И ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, благослови и ги раскрши лебовите, па им даваше на учениците да ги ставаат пред нив; и двете риби им ги раздели на сите.

42 И сите јадеа и се наситија.

43 И кренаа дванаесет кошници полни со лебни залаци, и од рибите.

44 А оние кои јадеа леб, беа околу пет илјади мажи.

45 И веднаш ги натера Своите ученици да влезат во коработ и да отидат порано на другата страна, кон Витсаида, додека Тој го распушти народот.

46 И откако се прости од нив, отиде на гората да се помоли.

47 А приквечер каработ беше среде море, а Тој самиот на земјата.

48 И кога ги виде како се мачат веслајќи - зашто ветерот им беше спротивен, околу четвртата ноќна стража, дојде до нив, одејќи по морето, и сакаше да ги замине.

49 А тие, кога Го видоа како оди по морето, помислија дека е привидение, и извикаа,

50 зашто сите Го видоа и се исплашија. Но, Тој веднаш им проговори и им рече: „Бидете храбри! Јас Сум! Не бојте се!”

51 Тогаш влезе при нив во коработ, и ветерот стивна. Тие се зачудија многу во себе,

52 зашто не го разбраа чудото со лебовите, туку срцето им беше закоравено.

53 И кога преминаа, дојдоа на копно во Генисарет и излегоа.

54 Кога излегоа од коработ, веднаш Го познаа,

55 се растрчаа по целата таа околија и почнаа да донесуваат болни, на постели, каде што чуја дека е Тој.

56 И каде и да влегуваше во села, или во градови, или во селца, на трговиштата ги ставаа болните и Го молеа да Го допрат барем до ресите на Неговата облека. И сите, кои Го допреа беа исцелени.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16