1 И влезе пак во синагогата, а таму имаше човек со исушена рака.
2 И Го набљудуваа, дали ќе го излечи во сабота, за да Го обвинат.
3 И му рече на човекот, кој имаше сува рака: „Застани насреде!”
4 И им рече: „Дали е дозволено во сабота: да се прави добро или зло? Да се спаси душа, или да се погуби?” А тие молчеа.
5 Тогаш ги изгледа, наоколу, со гнев, и натажен заради закоравеноста на нивните срца, му рече на човекот: „Протегни ја раката!” И тој ја протегна и стана пак здрава неговата рака.
6 А фарисеите, кога излегоа, веднаш се советуваа со иродовците против Него, за да Го уништат.
7 А Исус се повлече со Своите ученици кон морето, и големо мноштво од Галилеја, тргна по Него, и од Јудеја,
8 и од Ерусалим, од Идумеја и од другата страна на Јордан; од околината на Тир и Сидон, големо множество дојде при Него, откако чуја што правел.
9 И им рече на Своите ученици да Му се приготви еден кораб, заради народот, за да не Го притискаат.
10 Бидејќи мнозина излекува, така што навалуваа на Него сите, кои страдаа, за да Го допрат.
11 И нечистите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него и викаа, велејќи: „Ти си Божји Син!”
12 И им забрануваше строго да не Го разгласуваат.
13 И се искачи на гората и ги повика при Себе оние, кои ги сакаше и тие отидоа кај Него.
14 И определи Дванаесетмина да бидат со Него, и да ги праќа да проповедаат,
15 и да имаат власт да ги изгонуваат бесовите.
16 И ги определи Дванаесетмина: и на Симона му го даде името Петар,
17 па Јакова Зеведеев и Јована, братот Јаковов, на кои им го даде името Воанергес - што значи: Синови на Громот;
18 и Андреја, и Филипа, и Вартоломеја, и Матеја, и Тома, и Јакова Алфеев, и Тадеја, и Симона Хананец,
19 и Јуда Искариотски, кој Го предаде.
20 И дојде во една куќа, и пак се собра народ, така што не можеа ни леб да јадат.
21 А кога Неговите чуја за тоа, излегоа за да Го приберат, зашто зборуваа дека не е при Себеси.
22 Книжниците пак, кои дојдоа од Ерусалим, зборуваа дека го има Велзевула и дека со помош на демонскиот кнез ги истерува бесовите.
23 И откако ги повика, им зборуваше во параболи: „Како може сатаната да изгонува сатана?
24 Ако едно царство се раздели против себеси, тоа не може да се одржи.
25 И ако дом се раздели против себеси, тој дом не може да опстане.
26 И ако сатаната се кренал против себеси и се разделил, не ќе може да опстане, туку му дошол крајот.
27 Но никој не може да влезе во куќа на силен и да му ја ограби покуќнината, ако првин не го врзе силниот и тогаш да му ја ограби неговата куќа.
28 Вистина ви велам, дека на човечките синови ќе им бидат простени сите гревови и хули, колку и да хулат;
29 но кој похули на Светиот Дух, нема прошка довека,
30 туку го обвинува вечен грев. Зашто рекоа: „Има нечист дух!”
31 И тогаш дојдоа: Неговата мајка и Неговите браќа и, стоејќи надвор, испратија при Него да Го повикаат.
32 А околу Него седеше народ и Му рекоа: „Ете, мајка Ти и Твоите браќа надвор Те бараат!”
33 И во одговор им рече: „Кои се мајка Ми и браќа Ми?”
34 И ги погледна наоколу оние, кои седеа околу Него и рече: „Еве ги мајка Ми и браќа Ми;
35 зашто, кој ја исполнува Божјата волја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.”